Српскиот претседател Александар Вучиќ објави видео на социјалните мрежи во кое изнесе сериозни обвинувања за наводни криминални активности во Белград, тврдејќи дека група лица упаднала во луксузниот хотел „Хајат“ и ги вознемирувала присутните гости.
Според Вучиќ, инцидентот се случил две вечери претходно, а надлежните институции не презеле соодветни мерки.
„Пред две вечери банда криминалци упадна и во хотелот ‘Хајат’ и ги малтретираше сите присутни“, изјави Вучиќ во видеото.
Тој упати остри критики кон полицијата и обвинителството, обвинувајќи ги дека не реагираат на пријавените инциденти и покрај неговите претходни јавни предупредувања.
„Никој никого не приведе, никој никого не уапси“, рече српскиот претседател, најавувајќи дека ќе продолжи јавно да зборува за ваквите случаи.
Вучиќ тврди и дека граѓани добиваат пораки со закани, барања за пари и предупредувања дека ќе бидат претепани или убиени доколку не ги исполнат барањата.
Според неговите обвинувања, станува збор за случаи на изнуда и заплашување, додека надлежните служби, како што вели, не преземаат доволно активности за заштита на граѓаните.
Сепак, тврдењата за инцидентот во хотелот „Хајат“, како и за целосното отсуство на полициска реакција, засега не се независно потврдени.
Во своите последни јавни обраќања Вучиќ се осврна и на политичките случувања во Србија, упатувајќи критики кон студентската листа и нејзините поддржувачи.
Тој повторно изнесе обвинувања за наводни обиди за затворање на телевизијата „Информер“, предупредувајќи на можни негативни последици од политичките конфликти во земјата.









