Филипинските истражни органи проверуваат дали Томас Маркл Помладиот, полубрат на војвотката од Сасекс, Меган Маркл, има поврзаност со наводни случаи на сексуална злоупотреба на деца, додека истрагата поврзана со нивниот татко дополнително се проширува.
Филипинскиот министер за внатрешни работи, Хуанито Виктор Ремуља, нагласи дека Томас Маркл Помладиот засега се третира како лице од интерес за истрагата, а не како осомничен.
Според министерот, сведоци изјавиле дека малолетни девојчиња биле носени во домот на полубратот на Меган Маркл. Овие тврдења се предмет на понатамошна проверка.
Истрагата започнала по медиумските информации дека во поранешниот дом на Томас Маркл Постариот (82), во филипинската покраина Себу, бил пронајден материјал што упатува на сексуална злоупотреба на деца.
Надлежните соопштиле дека биле откриени приближно 7.500 фотографии и една видеоснимка со наводно експлоатирани малолетници од повеќе делови на светот.
Томас Маркл Постариот, кој во меѓувреме се вратил во САД, категорично ги отфрлил обвинувањата, нарекувајќи ги лаги.
Според локалните власти, неговиот син предал четири кутии со материјали, меѓу кои компјутери, мобилни телефони, хард дискови и стари видеокасети.
Полицијата обезбедила судски налог за преглед на електронските уреди, со цел утврдување на потеклото и содржината на материјалите.
Меган Маркл претходно изјавила дека е длабоко потресена од информациите што се појавиле во јавноста.
Таа навела дека уште во 2018 година дознала за вознемирувачки обвинувања поврзани со нејзиниот татко и дека одлучила да го ограничи неговиот контакт со нејзините деца.
Истрагата продолжува, а засега нема официјална потврда дека Томас Маркл Помладиот извршил кривично дело.






