Четириесет и тригодишниот Драган Стојановиќ од Челинац, Босна и Херцеговина, починал по три недели борба за живот во Универзитетскиот клинички центар на Република Српска, откако на 12 октомври бил тешко повреден во Гламочани, во близина на Лакташи.
Зад себе оставил сопруга и две малолетни деца, а неговата сопруга Наталија во потресна исповед ги раскажала околностите што му претходеле на трагичниот настан.
Според нејзините зборови, сè започнало поради проблем со документацијата за автомобил што бил предмет на продажба.
За регистрација на возилото недостасувал еден документ, а извесен Никола Поповиќ, како што тврди Наталија, му ветил на Драган дека ќе го реши проблемот.
Меѓутоа, по десетина дена, документацијата не била средена, а лицето престанало да одговара на телефонските повици.
На 12 октомври Драган заедно со својот брат заминал во Гламочани за да се обиде да го реши проблемот.
„Не знам што се случило таму, но Драган беше претепан со метална шипка. Повредите беа толку тешки што немаше никакви шанси“, раскажала неговата сопруга.
Наталија тврди дека лекарите ѝ кажале оти се соочиле со исклучително тешки повреди, а особено ја вознемирува фактот што лицето кое таа го смета за одговорно сè уште е на слобода.
Од надлежните институции бара целосно расветлување на случајот и утврдување на кривичната одговорност.
Окружното јавно обвинителство во Бања Лука потврдило дека се чека обдукцискиот наод, по кој ќе биде утврдена точната правна квалификација на делото.
Според претходните информации, случајот првично бил евидентиран како учество во тепачка, во која биле вклучени Драган, неговиот брат и Никола Поповиќ.
Истрагата продолжува, а семејството очекува одговори за околностите во кои 43-годишниот татко на две деца го загубил животот.






