Легендарниот хрватски пејач Мате Мишо Ковач беше погребан на загрепските гробишта Мирогој, а особено емотивен момент предизвикаа зборовите на неговата сопруга Лидија Ковач, со која помина речиси три децении заеднички живот.
По последното збогување, Лидија се подготвувала да се врати во Подстрана, во близина на Сплит, каде што со Мишо ги поминале последните години од неговиот живот.

Пред заминувањето, пријателките ѝ рекле дека отсега ќе мора почесто да доаѓа во Загреб, бидејќи таму е погребан нејзиниот сопруг.
„Мишо е тука, со мене“, им одговорила Лидија, покажувајќи со раката кон своето срце.
Со овие неколку зборови таа покажала дека, и покрај физичката разделба, љубовта кон нејзиниот сопруг останува засекогаш.
На погребот на Мирогој присуствувале околу триесетина членови на семејството и најблиски пријатели, меѓу кои биле сопругата Лидија и ќерката Ивана.

Мишо Ковач беше погребан во семејната гробница, покрај неговиот син Еди, чија трагична смрт остави длабока трага во животот на пејачот.
Претходно, на стадионот „Пољуд“ во Сплит, повеќе од 30.000 луѓе се простија од музичката легенда со песни, солзи и силни емоции.
Лидија беше неговата најголема поддршка во текот на речиси три децении заеднички живот, останувајќи покрај него и во најтешките моменти.

Последните години ги поминаа повлечени од јавноста, во нивниот дом во Подстрана.
Сега Лидија се враќа таму без својот сопруг, но со спомените и љубовта кои, како што самата порача, никогаш нема да исчезнат.








