Пет лица се лишени од слобода во голема полициска акција во Куманово, насочена кон сузбивање организирана криминална група која, според истражните органи, дејствувала на ова подрачје во изминатите пет години.
Акцијата ја спроведува Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција при Бирото за јавна безбедност, во координација со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Осомничените се поврзуваат со повеќе кривични дела, меѓу кои изнуда, перење пари и несовесно работење во службата.
При извршените претреси биле пронајдени поголема количина пари и документација што укажува на сомнителни активности поврзани со давање парични позајмици и изнуда.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, информираше дека врз основа на пронајдените докази е предложено да се извршат претреси и во нотарски канцеларии во Куманово.
Дополнително, известена е и Народната банка, која врши контрола и ревизија на менувачница поврзана со брат на еден од осомничените.
Во рамки на акцијата ќе бидат одземени и возила, мобилни телефони, документација и други предмети важни за истрагата, по налог на јавен обвинител.
Надлежните институции продолжуваат со проверките и прибирањето докази, додека кривичната пријава против осомничените сè уште се подготвува.







