Европската комисија упати сериозни критики за состојбите во затворите, полициските станици, психијатриските и социјалните установи во Македонија, оценувајќи дека условите и понатаму се загрижувачки.
Во извештајот за напредокот на земјата кон Европската Унија, објавен на 4 ноември 2026 година, се посочуваат пренатрупаноста, корупцијата и неефикасните истраги за пријавено насилство и малтретирање.
Според податоците, пополнетоста на затворите во 2026 година изнесува 113,2 отсто, што значи дека бројот на затвореници го надминува расположливиот капацитет. Во 2025 година пополнетоста изнесувала 115,4 отсто, а во 2024 година 105 отсто.
Иако е забележано мало намалување во однос на минатата година, проблемот со пренатрупаноста останува нерешен.
Европската комисија предупредува дека корупцијата и понатаму претставува сериозен предизвик, додека истрагите за наводи за малтретирање често се одолговлекуваат и не даваат соодветни резултати.
Во извештајот се наведува дека нема напредок во спроведувањето на препораките за спречување тортура, ниту во подобрувањето на здравствената заштита на затворениците.
Дополнителен проблем претставува ограничениот капацитет на Националниот превентивен механизам при Народниот правобранител, кој располага со само тројца вработени.
Како позитивен чекор се споменува реновирањето на женското одделение во затворот во ноември 2025 година.
Сепак, Комисијата бара побрзи и непристрасни истраги, подобар надзор над полицијата, поголемо вклучување на здравствените институции и спроведување на препораките за подобрување на условите во установите.







