ПРВ.мк
Свет

ЕУ СО ВАЖНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ДО ГРАЃАНИТЕ: Подгответе храна, вода и основни залихи за најмалку 72 часа

ЕУ СО ВАЖНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ДО ГРАЃАНИТЕ: Подгответе храна, вода и основни залихи за најмалку 72 часа

Европската комисија ги повика граѓаните да обезбедат резерви од храна, вода, лекови и други основни производи за најмалку 72 часа, како дел од пошироката стратегија за подготвеност при кризни ситуации.

Брисел препорачува секое домаќинство да има основни залихи, но и однапред подготвена торба со најнеопходните работи во случај на итна евакуација.

Од Европската комисија нагласуваат дека препораките не се поврзани со непосредна опасност или сознанија за претстоен напад.

Станува збор за продолжување на стратегијата усвоена во март 2025 година, која предвидува 30 мерки за подобрување на подготвеноста на Европската Унија за различни кризи.

Причините за ваквите подготовки се поврзани со влошената безбедносна состојба во Европа, војната во Украина, зголемените сајбер-закани, можните прекини во снабдувањето со електрична енергија и природните катастрофи.

Европските институции особено предупредуваат на опасностите од хибридни напади, саботажи на инфраструктурата и кибернетички напади врз болници, банки, телекомуникациски мрежи и енергетски системи.

Како пример за сериозна криза се посочува и големиот прекин на електричната енергија во Шпанија и Португалија во 2025 година, кога милиони граѓани останаа без струја.

Препорачаните 72 часа претставуваат минимален период во кој граѓаните треба да можат самостојно да ги задоволат основните потреби, додека надлежните служби ја организираат помошта.

Европската комесарка за подготвеност и управување со кризи, Хаџа Лахбиб, предупреди дека дури и сајбер-напад врз супермаркетите би можел да предизвика сериозни нарушувања во снабдувањето со основни производи.

Пораката од Брисел е дека навремената подготовка може значително да ги намали последиците од евентуални кризни ситуации, без оглед дали станува збор за безбедносни закани, технички дефекти или природни непогоди.