ПРВ.мк
Црна Хроника

НОВИ ИНФОРМАЦИИ ЗА СМРТТА НА 17-ГОДИШНАТА БИЛЈАНА: Како Виктор успеал да ја намами 17-годишната Билјана во ужасна смрт?

НОВИ ИНФОРМАЦИИ ЗА СМРТТА НА 17-ГОДИШНАТА БИЛЈАНА: Како Виктор успеал да ја намами 17-годишната Билјана во ужасна смрт?

Нови информации за трагичниот случај во Богданци, во кој животот го загуби 17-годишната Билјана, откриваат дека 21-годишниот Виктор Гунтеров имал активни судски мерки за заштита од семејно насилство, со важност од шест месеци.

Според објавените информации, таткото на девојката на 30 септември го пријавил случајот во полиција, по што Центарот за социјални работи во Гевгелија поднел предлог за изрекување привремени заштитни мерки.

Судската одлука била донесена на 16 октомври, а на Гунтеров му била доставена на 19 октомври.

Со мерките му било забрането да ја малтретира, вознемирува, контактира или да ѝ се заканува на малолетната девојка.

Дополнително, му било забрането да се приближува на помалку од 100 метри од нејзиниот дом и од средното училиште во Богданци, каде што таа учела.

Од Основното јавно обвинителство посочиле дека по изрекувањето на мерките немало пријави за нивно прекршување.

Сè уште не е утврдено како девојката се нашла со Гунтеров на 3 ноември, ниту што точно се случувало пред трагедијата.

Телото на 17-годишната Билјана било пронајдено во запален автомобил, откако случајот го пријавил жител на Богданци.

Во близина било пронајдено и телото на 21-годишниот Гунтеров. Според првичните сомневања, тој ја усмртил девојката, а потоа си го одзел животот со бесење.

Се очекуваат резултатите од обдукцијата, кои треба да помогнат во утврдувањето на точните причини за смртта и околностите на трагичниот настан.