Над 300 килограми кокаин биле запленети во Германија, по размена на информации меѓу македонското Министерство за внатрешни работи и американската Агенција за борба против дрога (ДЕА), објави „Прес24“, повикувајќи се на неофицијални информации.
Според објавеното, кокаинот бил скриен во товарен контејнер со банани, кој пристигнал од Еквадор на пристаниште во Холандија, а потоа бил транспортиран во Германија.
Клучна улога во размената на информации, според истите извори, имал Одделот за криминалистичка полиција при МВР, кој соработувал со американската ДЕА.
По добиените информации, германската полиција ја открила и запленила големата количина наркотична дрога.
Засега нема официјални информации за евентуално приведени лица, ниту за тоа какви конкретни податоци биле доставени од македонската полиција до меѓународните партнери.
Не се соопштени ниту дополнителни детали за организаторите на транспортот и крајната дестинација на запленетиот кокаин.
Се очекуваат дополнителни информации од надлежните институции за меѓународната акција и евентуалните понатамошни истражни постапки.







