ПРВ.мк
Свет

Хакерски напади низ Европа: Нападнати ладилници во супермаркети и банки за крв, се огласи Кремљ

Хакерски напади низ Европа: Нападнати ладилници во супермаркети и банки за крв, се огласи Кремљ

Серија необични кибернапади во повеќе европски земји предизвика проблеми во супермаркетите и центрите за складирање крв, а сомнежите за можна руска вмешаност предизвикаа реакција од Кремљ.

Во изминатите недели хакери успеале да ги нарушат системите за ладење во повеќе европски супермаркети, поради што трговците биле принудени да фрлат количества одмрзната и расиплива храна.

Нападите погодиле и банки за крв во Франција, но надлежната служба соопштила дека резервите на крв не биле загрозени.

Кремљ категорично ги отфрли обвинувањата за вмешаност на Русија.

Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, изјави дека таквите тврдења се неосновани и апсурдни, додавајќи дека обвинувањата против Москва стануваат редовна практика во европските земји.

Според Би-Би-Си, проруски хакерски групи првично презеле одговорност за нападите, но набргу потоа ги избришале своите објави.

Дел од експертите за кибербезбедност сметаат дека постојат индиции за вмешаност на групи поврзани со руската држава.

Од друга страна, компанијата за кибербезбедност „Секоја“ посочува дека и хакерски групи поврзани со Иран претходно изведувале слични напади врз супермаркети во САД и Израел.

Надлежните европски институции засега официјално не утврдиле кој стои зад нападите.

Експертите предупредуваат дека утврдувањето на вистинскиот организатор на кибернападите е сложена постапка, особено кога напаѓачите користат техники за прикривање на своето потекло.