Десетици белоклунести делфини се насукале на брегот на Северниот Остров во Нов Зеланд, а поголемиот дел од нив не ја преживеале несреќата. Спасувачките екипи водат трка со времето за да ги спасат преостанатите животни и да ги вратат во океанот. Информацијата во четвртокот ја потврдило Министерството за заштита на животната средина на Нов Зеланд, пренесува „Ројтерс“.
Најмалку 20 делфини биле пронајдени на брегот во близина на населеното место Нгави, недалеку од ’Ртот Палисер, најјужната точка на Северниот Остров. Сепак, според сведочењата на локалните жители, во текот на ноќта на брегот се насукале дури 50 делфини.
Во спасувачката акција учествуваат Министерството за заштита на животната средина, локалното маорско племе, познато како иви, и организацијата „Проџект Џона“, која е специјализирана за спасување морски цицачи.
Досега спасувачите успеале да вратат во морето само две животни. Повеќето делфини не преживеале, а волонтерите продолжуваат да се грижат за оние кои сè уште се живи. За да ги одржат во живот, постојано ги навлажнуваат со вода, користејќи кофи и крпи.
„Глетката е ужасна. Оние што сè уште се живи едвај дишат“, изјавил Роб Барг, жител на Нгави.
Од организацијата „Проџект Џона“ преку објава на Фејсбук информирале дека четири делфини сè уште се живи. Спасувачките екипи планираат да се обидат да ги вратат во океанот за време на плимата, надевајќи се дека животните ќе успеат да се вратат во своето природно живеалиште.
Насукувањето на делфини и китови е релативно честа појава на Нов Зеланд, но и во соседна Австралија. Во длабоките океански води на овој регион живеат големи популации на белоклунести делфини, па ваквите случаи не се реткост.
И покрај тоа што насукувањата се случуваат почесто во овој дел од светот, точната причина поради која морските цицачи завршуваат на брегот сè уште не е позната.








