Спорот околу тоа како би требало да се наречат иидните односи на Европската Унија со Канада ги продлабочува несогласувањата меѓу претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и германскиот канцелар, Фридрих Мерц, потврдија четворица дипломати.
Берлин и Брисел влегоа во судир поради предлогот на Урсула фон дер Лајен Канада да добие статус на „придружна членка“ на ЕУ, а тензиите дополнително пораснаа откако претседателката на Европската комисија го употреби тој израз на самитот во Монтреал, само неколку часа откако, на иницијатива на Германија, истиот термин беше исфрлен од заедичкото соопштение кое го одобрија сите 27 држави членки на ЕУ.
Фридрих Мерц претходно предлагаше статус на „придружна членка“ за Украина, додека таа земја работи на полноправно пристапување кон Унијата. Откако таа идеја наиде на одлучно одбивање, вклучувајќи го и противењето на самиот Киев, официјалните лица во Берлин на настојувањето на Урсула фон дер Лајен истиот термин да го употреби за Канада гледаат како на одговор на иницијативата на германскиот канцелар.
Судирот околу терминологијата отсликува сè подлабоки разлики меѓу Мерц и Фон дер Лајен кога е во прашање начинот на кој би требало да се управува со Европската Унија.
Берлин порача дека нема да го одобри следниот долгорочен буџет на ЕУ, кој Европската комисија го предложи во износ од околу два трилиони (билиони) евра, доколку вкупната сума не биде намалена за „стотици милијарди евра“.
Истовремено, предлогот на Урсула фон дер Лајен за основање Европски совет за безбедност не наиде на поддршка во Германија, чија влада се определи за посебен формат на соработка со Франција и Велика Британија кога станува збор за чувствителните прашања поврзани со Украина.
„Постои институционална дилема меѓу Брисел и Берлин“, изјави Јан Техау, директор за Германија во консултантската компанија „Евроазија груп“ и поранешен пишувач на говори за германското Министерство за одбрана.
„Фон дер Лајен зазеде изразито интеграционистички пристап кон Европската Унија, додека Мерц целосно се оддалечи од таквиот концепт и зборува за националните држави како главни двигатели на политиката на ЕУ“, објасни Техау.
Претставникот на германскиот канцелар не одговори на барањето на „ПОЛИТИКО“ за коментар.
Што се крие зад еден назив?
Ниту Берлин, ниту Брисел не покажуваат подготвеност за попуштање кога станува збор за прашањето за „придружното членство“.
Берлин го повтори своето противење на состанокот на амбасадорите на ЕУ во средата, изјавија за „Политико“ двајца дипломати.
Меѓутоа, претседателката на Европската комисија нема намера да се откаже од тој назив, тврди лице запознаено со нејзините ставови. Нему, како и на другите соговорници во овој текст, му е загарантирана анонимност поради чувствителноста на дипломатските разговори.
„Навистина сме фокусирани на надградба на темелите кои беа поставени минатата недела на самитот“, изјави Паула Пињо, главна портпаролка на Европската комисија, додавајќи дека Берлин и Брисел ги делат истите основни цели кога се во прашање односите меѓу ЕУ и Канада.
Еден германски дипломат изјави: „Не постои суштинска разлика. Овете страни се обврзаа да изградат единствено партнерство, какво што немаме со ниту една друга земја надвор од Европската Унија.“
Меѓутоа, разликата се крие во деталите. Имено, дефиницијата за „придружно членство“ која Урсула фон дер Лајен ја предлага за Канада практично ја исклучува можноста истиот статус да ѝ биде понуден на Украина, наведоа двајца дипломати на ЕУ.
Наместо да претставува преодна фаза на патот кон членство во ЕУ, која би подразбирала и одредени поволности, како статус на набљудувач во Европскиот совет, придружното членство би ѝ се доделувало на земја која никогаш не би можела да стане полноправна членка на Унијата, што и самата Фон дер Лајен го призна во својот говор во Монтреал.
Со употребата на тој термин, Урсула фон дер Лајен практично го обезвредни и го обесмисли концептот кој го застапуваше Берлин.
Прв судир меѓу Урсула и Мерц
Техау смета дека Берлин и Брисел имаат „идеолошки слични ставови за многу прашања“, вклучувајќи ја и политичката припадност, со оглед на тоа што и Мерц и Фон дер Лајен се членови на германската конзервативна Христијанско-демократска унија (CDU).
„Често имаат слични ставови, па дури и кога станува збор за идеи како оваа“, рече Техау, мислејќи на зајакнувањето на односите со Отава.
Сепак, прашањето за Канада се покажа како посебно впечатлив пример за нивните разлики.
Додека Урсула фон дер Лајен во ова прашање гледа „голем геополитички успех за себе и за Европската комисија“, Мерц, според зборовите на Техау, „ги разочара луѓето во Брисел кои се надеваа дека ќе заземе пристап кој повеќе поддржува европски интеграции, додека неговите ставови се целосно обликувани од внатрешнополитичките приоритети“.
За Техау, спорот околу називот всушност е одраз на многу поширока расправа која се провлекува низ клучните прашања, како што се буџетот и безбедноста на Европската Унија: дали ЕУ би требало повеќе да се потпира на заедничките институции или на владите на државите членки.
„Тоа е прашање кое, во многу нешта, е нерешливо“, заклучи Техау.








