Силно торнадо со ветрови кои достигнувале брзина од околу 126 километри на час го погоди бразилскиот град Шапеко, во сојузната држава Санта Катарина, оставајќи зад себе голема материјална штета и сериозни проблеми во сообраќајот.
Една од најпогодените локации е меѓународниот аеродром „Серафим Енос Бертасо“, каде што силата на ветрот предизвикала значителни оштетувања на аеродромската инфраструктура. Металните покриви биле откорнати, а уништени биле и делови од фасадите и стаклените панели на терминалите, како и конструкции на хангарите.
По налетот на торнадото, остатоци од оштетените објекти и други предмети биле расфрлани низ аеродромската писта, што дополнително ја отежнало состојбата и го довело во прашање безбедното одвивање на воздушниот сообраќај.
Поради настанатата штета, операторот „Voe Xap“ веднаш одлучил да ги прекине сите пристигнувања и заминувања на авиони. Воедно, упатил апел до патниците да не доаѓаат на аеродромот сè додека надлежните инспекциски екипи не ја проверат состојбата и не утврдат дали објектите и инфраструктурата се безбедни за користење.
Последиците од невремето не се ограничени само на аеродромот. Според информациите, торнадото предизвикало штети во најмалку 18 општини низ сојузната држава Санта Катарина.
Оштетени се и голем број станбени објекти, а на повеќе локации дошло до прекини во снабдувањето со електрична енергија. Дополнително, невремето предизвикало сериозни застои во сообраќајот, додека екипите на терен се соочиле со последиците од силниот ветер и уништената инфраструктура.








