ПРВ.мк
Македонија

КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА 46-ГОДИШНИК: На Фејсбук објавувал туѓа телевизиска серија без дозвола!

КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА 46-ГОДИШНИК: На Фејсбук објавувал туѓа телевизиска серија без дозвола!

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи поднел кривична пријава против 46-годишен скопјанец со иницијали Ј.К., поради сомнение за повреда на авторско право и сродни права, како и пиратерија на аудиовизуелно дело.

Пријавата е доставена до Основното јавно обвинителство Скопје, а се однесува на кривични дела предвидени во член 157 и член 157-б од Кривичниот законик.

Според информациите од МВР, осомничениот во текот на 2024 година, како администратор на Фејсбук-страница, без дозвола објавувал епизоди од телевизиска серија за кои немал обезбедено авторски права.

Станувало збор за содржини чии ексклузивни права за емитување биле отстапени исклучиво на програмскиот сервис на една телевизиска куќа, врз основа на претходно склучен договор. И покрај тоа, серијата била јавно објавувана на Фејсбук-страницата со која управувал пријавениот.

Како што се наведува во пријавата што телевизиската куќа ја доставила до Основното јавно обвинителство Скопје, Ј.К. преку својот кориснички профил на Фејсбук, како администратор на страницата, објавувал различни серии, филмови и документарни содржини. Меѓу нив имало и епизоди од конкретната телевизиска серија, иако за нив не поседувал соодветни авторски права.

По добиена наредба од Основното јавно обвинителство Скопје, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР започнал истрага за случајот.

Во рамките на постапката, полицијата го повикала пријавениот на информативен разговор, а привремено му бил одземен и електронски уред во негова сопственост.

По извршената дигитална форензичка анализа на уредот, биле потврдени наводите изнесени во пријавата од телевизиската куќа, како и информациите од исказот што 46-годишниот скопјанец го дал за време на информативниот разговор.

Најнови вести