ПРВ.мк
Македонија

ГОЛЕМА ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА: На мета група предводена од Штука, се истражуваат изнуда и лихварство!

ГОЛЕМА ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА: На мета група предводена од Штука, се истражуваат изнуда и лихварство!

Голема полициска операција против организирана криминална група се спроведува утрово во Куманово. Засиленото присуство на полициските специјалци на улиците во градот е дел од координирана акција на Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција при Бирото за јавна безбедност, дознава „Плусинфо“.

Акцијата е насочена кон разоткривање на група за која постојат сомневања дека подолг период била активна на кумановското подрачје. Станува збор за лица кои, според информациите, им се добро познати на безбедносните служби и на локалната криминална сцена.

Според сознанијата до кои дошол „Плусинфо“, како организатор на групата се сомничи лице со прекар Штука, а наводно во нејзините активности биле вклучени и други лица од Куманово.

Истражните органи се сомневаат дека групата подолг временски период функционирала во Куманово и поширокиот регион, при што за остварување на своите цели користела насилство, закани и уцени.

Во фокусот на истрагата се повеќе сериозни кривични дела, меѓу кои изнуда, лихварство, перење пари, како и перење други приноси стекнати од криминални активности.

Во рамките на полициската операција се вршат проверки и претреси на повеќе локации за кои се верува дека се поврзани со осомничените. Под посебна истражна проверка се наоѓаат и нотарска канцеларија и менувачница, каде што надлежните испитуваат дали постојат одредени поврзаности со активностите што се предмет на истрагата.

Според неофицијалните информации, при досегашните претреси биле пронајдени парични средства, возила и документација, кои би можеле да бидат важни за понатамошниот тек на истражната постапка.

Операцијата не е резултат на случајна полициска интервенција, туку претставува завршница на подолготрајна оперативно-истражна работа на полициските служби. Активностите се спроведуваат во координација со Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Главната цел на институциите е целосно да се разоткријат и да се сузбијат криминалните структури за кои постојат сомневања дека подолг период ја загрозувале безбедноста на граѓаните, а преку закани, насилство и други незаконски активности остварувале противправна материјална корист.

Од институциите испраќаат порака дека никој не може да биде над законот и дека нема поединци или групи кои можат да сметаат на заштита и недопирливост.

„Нема простор за создавање митови за недопирливост, ниту за криминални структури кои веруваат дека преку влијание, закани и насилство можат да бидат над законот“, велат изворите на „Плусинфо“.

Полицијата и обвинителството, според пораките што ги испраќаат надлежните, остануваат определени законот да се применува еднакво за сите, без селективност и без отстапки.

„Законот важи за сите. А институциите се тука да го спроведуваат, без селективност и без отстапки“, порачуваат надлежните.