ПРВ.мк
Македонија

ШЕСТМЕСЕЧНО БЕБЕ ОД ВЕЛЕС ЗАРАЗЕНО СО МОРБИЛИ: Лекарите со итен апел до родителите

ШЕСТМЕСЕЧНО БЕБЕ ОД ВЕЛЕС ЗАРАЗЕНО СО МОРБИЛИ: Лекарите со итен апел до родителите

Шестмесечно бебе од Велес е меѓу потврдените случаи на морбили, односно мали сипаници, во Македонија. Случајот е потврден од Институтот за јавно здравје, а информацијата ја соопшти д-р Марина Тодоровска, специјалист педијатар и раководител на Службата за превентивна здравствена заштита на предучилишни деца при Здравствениот дом во Велес.

Според докторката, бебето редовно било носено на контроли и ги примило сите вакцини предвидени за неговата возраст. Сепак, поради тоа што има само шест месеци, сè уште не ја исполнува возраста за редовно примање на МРП вакцината, која штити од морбили, рубеола и заушки.

„Овој случај е директна последица на намалениот вакцинален опфат, кога страда колективниот имунитет и се изложуваат на ризик доенчиња кои поради возраста не можат да бидат вакцинирани, како и лица кои поради здравствени причини не можат да примат вакцина“, предупредува д-р Тодоровска.

Најнизок одѕив за вакцинација во последните десет години

Според педијатарката, одѕивот за вакцинација кај децата од предучилишна возраст во Велес моментално е најнизок во последната деценија.

Таа апелира родителите да не чекаат покана, туку навремено да ги донесат своите невакцинирани деца во службата за вакцинација.

Повикот се однесува на децата кои наполниле една година, но и на повозрасните кои од различни причини не ја примиле МРП вакцината.

Морбилите се меѓу најзаразните вирусни заболувања и можат да предизвикаат сериозни компликации, особено кај доенчињата и лицата со ослабен имунитет.

Според објавените информации, во Македонија биле потврдени четири случаи на морбили, три кај доенчиња и еден кај странски државјанин, а бил откриен и петти случај.