Народната банка информира дека од четврток, 5 ноември 2026 година, започнува исплатата на готовина за граѓаните кои имаат платежни сметки во АЛТА банка АД Битола, но не поседуваат платежни картички.
Исплатата ќе се врши на повеќе шалтери во главната филијала на банката во Битола, на улицата „Добривое Радосављевиќ“ број 21.
Мерката особено се однесува на пензионерите и примателите на социјална помош кои своите средства ги добиваат преку сметки во банката.
Граѓаните ќе можат да подигнат најмногу 20.000 денари во период од две недели, согласно утврденото ограничување.
Филијалата ќе работи и во сабота
Од 6 ноември, вклучително и сабота, 7 ноември, филијалата ќе работи во две смени за да се овозможи опслужување на поголем број клиенти.
Исплатата ќе се организира според однапред утврден распоред, а граѓаните ќе добијат СМС-порака со точниот датум и час кога треба да пристигнат во филијалата.
Од Народната банка апелираат граѓаните да ги почитуваат доделените термини и да не доаѓаат пред предвиденото време, со цел да се избегнат гужви и долги чекања.
За оние кои нема да можат да пристигнат во определениот термин, ќе бидат обезбедени дополнителни термини.
Шалтерите ќе бидат наменети исклучиво за подигање готовина и на нив нема да се извршуваат други банкарски трансакции.
Народната банка најавува дека се подготвува отворање шалтери за пензионерите и примателите на социјална помош и во други градови низ Македонија, за што јавноста дополнително ќе биде информирана.








