ПРВ.мк
Македонија

СКАНДАЛ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“: Двајца вработени осомничени дека со години манипулирале со податоци и заработиле 21.000 евра!

СКАНДАЛ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“: Двајца вработени осомничени дека со години манипулирале со податоци и заработиле 21.000 евра!

Основното јавно обвинителство Штип поведе постапка против две лица, вработени на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, поради сомнение дека заеднички извршиле кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување и компјутерска измама. Според обвинителството, со незаконските активности тие прибавиле поголема материјална корист, која засега е проценета на околу 21.000 евра.

Двајцата осомничени биле во својство на службени лица во рамки на универзитетот. Станува збор за раководителот на Секторот за „Е-Индекс“ и вработена како референт за студентски прашања на еден од факултетите.

Според наводите на обвинителството, сомнителните активности се одвивале во периодот од 2021 до 2026 година. Второосомничената, по добиени насоки од првоосомничениот, наводно внесувала невистинити информации во информатичкиот систем на Универзитетот, притоа пречекорувајќи ги границите на своите службени должности и овластувања.

Обвинителството сомничи дека преку неовластено менување, бришење или прикривање податоци во базата на електронскиот индекс биле предизвикувани неточни резултати при електронската обработка и преносот на информациите. На тој начин, според досегашните сознанија, осомничените се стекнале со материјална корист што во моментов се проценува на 21.000 евра.

Поради сомненијата за сторени кривични дела, и тоа злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 4 во врска со став 1, како и компјутерска измама од член 251-б став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, Основното јавно обвинителство Штип поведе постапка против двајцата.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени. Станува збор за предлог на обвинителството, а за евентуалната мерка ќе одлучува надлежниот суд.