Седумнаесетгодишната Билјана Кириќ и 21-годишниот Виктор Гунтаров се лицата кои беа пронајдени мртви во трагедијата кај Богданци, објави „Скопје1“.
Според првичните индиции на Основното јавно обвинителство Гевгелија, постои сомневање дека станува збор за убиство и самоубиство, но точните околности допрва треба да се утврдат.
На трагедијата ѝ претходеле пријави за физичко насилство и закани кон малолетната девојка.
Според МВР, на 30 септември Виктор бил приведен по пријава дека физички ја нападнал својата 17-годишна девојка во неговиот дом. За случајот бил известен јавен обвинител.
На 16 октомври, Обвинителството во Гевгелија примило пријава за загрозување на сигурноста на девојката и започнало постапка.
Во меѓувреме, судот изрекол мерки со кои на 21-годишникот му било забрането да ѝ се приближува и да ја вознемирува девојката. Според објавените информации, мерките биле во сила и во моментот на трагедијата.
Неофицијални информации за последните часови
Според неофицијалните информации на „Скопје1“, Виктор наводно ја чекал Билјана пред теретана во Гевгелија, по што насилно ја внел во автомобил и се упатил кон Богданци. Овие информации засега не се официјално потврдени.
Трагедијата била откриена на 3 ноември, околу 18:40 часот, кога во полицијата било пријавено запалено возило на местото викано „Ичева чешма“, кај Богданци.
Телото на 21-годишниот маж било пронајдено надвор од автомобилот, додека во опожареното возило било откриено изгорено тело.
Обвинителството наредило обдукција на двете тела, обезбедување видеоснимки и дополнителни докази.
„Првичните индиции упатуваат на убиство и самоубиство, меѓутоа настанот ќе биде во целост испитан“, соопштиле од Обвинителството.
Резултатите од обдукцијата и истрагата треба да ги утврдат причините за смртта и точниот тек на настаните.








