ПРВ.мк
Црна Хроника

ТРАГЕДИЈА ВО БОГДАНЦИ: 17-годишна девојка пронајдена мртва во запален автомобил, момчето наводно ја убило, па се обесило

ТРАГЕДИЈА ВО БОГДАНЦИ: 17-годишна девојка пронајдена мртва во запален автомобил, момчето наводно ја убило, па се обесило

Седумнаесетгодишна девојка е лицето чие изгорено тело, според неофицијалните информации на телевизија Сител, било пронајдено во опожарен автомобил во Богданци. Во близина на возилото било пронајдено и безживотното тело на нејзиното 21-годишно момче.

Според сознанијата на Сител, истражните органи ја испитуваат можноста девојката да била убиена од момчето, по што тој наводно си го одзел животот. Овие информации засега не се официјално потврдени, а причините за смртта треба да се утврдат со обдукција и вештачења.

Девојката претходно го пријавила момчето за насилство

Особено загрижувачки се информациите дека малолетничката претходно пријавила физичко насилство од страна на своето момче.

Според полициското соопштение од 1 октомври, 21-годишен жител на Богданци бил лишен од слобода откако претходната вечер физички ја нападнал својата 17-годишна девојка во неговиот дом.

За случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а полицијата најавила соодветна пријава по документирањето на настанот.

Засега не е познато како продолжила постапката по пријавата за насилство.

Телата пронајдени кај опожарен автомобил

Трагедијата била откриена на 3 ноември, околу 18:40 часот, кога жител на Богданци пријавил опожарен автомобил на местото викано „Ичева чешма“, во Горно Село.

Полицијата на местото го пронашла телото на 21-годишниот В.Г. од Богданци, а по локализирањето на пожарот во автомобилот било откриено уште едно безживотно тело.

По насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија бил извршен увид, а телата биле предадени на обдукција.

МВР засега официјално не го потврди идентитетот на лицето пронајдено во автомобилот, ниту причините за смртта на двете лица. Истрагата продолжува за утврдување на сите околности.