Француските власти истражуваат сериозен кибернапад врз три регионални складишта за крв и крвна плазма, при што хакери се обиделе да ги зголемат температурите во ладилниците на опасно високи нивоа.
Нападот се случил на 2 ноември и бил насочен кон објекти на Француската установа за крв (EFS), каде што се чуваат крвни продукти наменети за трансфузија и производство на лекови, пренесува „Еуроњуз“.
Според надлежните, напаѓачите успеале да ги променат поставките за температура и праговите за одмрзнување, поставувајќи ги на исклучително високи вредности.
Сепак, благодарение на системите за надзор и алармирање, вработените навремено ги забележале промените и презеле мерки за заштита на резервите.
„Не се утврдени здравствени последици и не е изгубен ниту еден крвен продукт“, соопштиле од Француската установа за крв.
Француското Министерство за здравство потврдило дека нападот погодил дел од системите за контрола на ладилните простории, но дека ситуацијата е ставена под контрола.
Во истрагата се вклучени француската Агенција за сајбер-безбедност и Министерството за здравство, кои треба да утврдат како бил изведен нападот и кои системи биле компромитирани.
Инцидентот следува по серија слични кибернапади врз системи за ладење во Европа, при кои биле погодени фрижидери и замрзнувачи во супермаркети, што довело до уништување големи количества храна.
Засега не е познато кој стои зад нападот, ниту дали постои поврзаност со претходните инциденти.
Од Француската установа за крв нагласуваат дека собирањето и дистрибуцијата на крв продолжуваат непречено, а сите резерви се безбедни.








