ПРВ.мк
Балкан

Уапсен командантот на специјалната антитерористичка единица во Србија поради сомнежи за малтретирање студенти

Уапсен командантот на специјалната антитерористичка единица во Србија поради сомнежи за малтретирање студенти

Командантот на Специјалната антитерористичка единица (САЈ) во Србија, Игор Жмириќ, е уапсен поради сомнежи дека учествувал во малтретирање студенти во гаражата на зградата на српската Влада, објави „Курир“.

Според информациите на српскиот медиум, Жмириќ бил приведен во просториите на Секторот за внатрешна контрола, а од Првото основно јавно обвинителство потврдиле дека апсењето е извршено по нивен налог.

Покрај него, приведен е и неговиот помошник Горан Филиповиќ.

Кривичната пријава се однесува на сомнежи дека во текот на летото, додека биле припадници на Единицата за обезбедување определени личности и објекти, учествувале во малтретирање на студентката Николина Синѓелиќ и нејзините колеги во гаражата на владината зграда.

Според „Курир“, со пријавата е опфатен и поранешниот началник на Управата на криминалистичката полиција, Марко Кричак, кој претходно бил уапсен.

Во рамките на случајот е уапсен и Милан Вуковиќ, вршител на должноста директор на Окружниот затвор, кој во периодот на наводниот инцидент бил припадник на единицата за обезбедување.

Српските медиуми наведуваат дека полицијата, по налог на Вишото јавно обвинителство, извршила претрес во канцеларијата на Вуковиќ поради анонимна кривична пријава дека му овозможил на Кричак да користи мобилен телефон во затворска ќелија.

Надлежните институции продолжуваат со постапката за утврдување на евентуалната кривична одговорност на осомничените.