Две зборчиња запишани пред 81 година во дневникот на американскиот бомбардер „Енола Геј“, кој ја фрлил атомската бомба врз Хирошима, им помогнале на научниците да откријат нови детали за последиците од нуклеарните експлозии.
На 6 август 1945 година, американскиот авион ја фрлил атомската бомба „Литл Бој“ врз јапонскиот град, предизвикувајќи огромно уништување и пожари во кои загинале десетици илјади луѓе.
Точно 97 минути по експлозијата, навигаторот Теодор Ван Кирк во дневникот запишал само две зборчиња: „Облакот исчезна“.
Научниците од Универзитетот во Калифорнија, Беркли, утврдиле дека облакот најверојатно не исчезнал, туку повеќе не бил видлив поради атмосферската измаглица.
Облакот достигнал висина од најмалку 11 километри
Со помош на 100.000 компјутерски симулации, истражувачите процениле дека чадот од пожарите во Хирошима достигнал висина од најмалку 11,3 километри, со 95-процентно ниво на доверба во проценката.
Ова откритие е значајно бидејќи покажува дека нуклеарните пожари можат да подигнат огромни количества саѓи високо во атмосферата.
Доколку доволно саѓи стигнат до стратосферата, тие можат со месеци или години да ја намалуваат сончевата светлина што стигнува до Земјата.
Таквата појава, позната како нуклеарна зима, би можела да предизвика глобално заладување, уништување на земјоделските култури и сериозни проблеми со снабдувањето со храна.
Истражувачите нагласуваат дека експлозијата во Хирошима сама по себе не предизвикала нуклеарна зима, но новите сознанија укажуваат на потенцијалните климатски последици од нуклеарна војна со повеќе експлозии.









