Последното патување на легендарниот хрватски пејач Мате Мишо Ковач од Сплит до загрепските гробишта Мирогој било исполнето со силни емоции, а илјадници луѓе излегле покрај патиштата за да му оддадат последна почит.
Дује Братиќ (34), возачот на погребното возило, за „Слободна Далмација“ раскажал дека сцените што ги доживеал на патувањето никогаш нема да ги заборави.
„Не очекував толку емоции“, изјавил Братиќ, кој го превезувал ковчегот со посмртните останки на пејачот.
Погребната поворка тргнала од Сплит околу 19 часот, а на гробиштата Мирогој во Загреб пристигнала во 3:15 часот по полноќ.
Во текот на патувањето, до тунелот Свети Рок, поворката била придружувана од полиција.
Илјадници луѓе се простувале покрај патиштата
Особено емотивни сцени биле забележани во Трогир, на Шибенскиот мост, кај Рогозница, во Водице, Задар и Пакоштани.
Луѓето излегувале на улиците, мавтале, палеле факели и го снимале минувањето на погребното возило.
Возачот признал дека очекувал граѓани на одредени локации, но не бил подготвен за толкав број луѓе кои сакале последен пат да го поздрават Мишо Ковач.
„И небото плачеше за Мишо. Од Свети Рок па сè до Загреб врнеше дожд“, раскажал Братиќ.
Легендарниот пејач беше погребан на Мирогој, покрај својот син Еди, а неговото последно испраќање собра голем број обожаватели.









