Во јавноста е објавена фотографија од 21-годишниот Виктор Гунтаров од Богданци, кој, според првичните индиции на Обвинителството, се поврзува со убиството на 17-годишната Билјана Кириќ, по што се претпоставува дека си го одзел животот.
Трагедијата се случи на 3 ноември, кога во месноста „Ичева чешма“ кај Богданци беа пронајдени две безживотни тела, едното во опожарен автомобил, а другото во негова близина.
На трагедијата ѝ претходеле пријави за насилство
Според официјалните информации од МВР, на 30 септември 21-годишникот физички ја нападнал својата малолетна девојка и ѝ упатувал закани по живот.
Девојката успеала да избега од неговата куќа преку прозорец, по што ѝ помогнале случајни минувачи.
Против Гунтаров на 14 октомври била поднесена кривична пријава за телесна повреда, а по дополнителна пријава за загрозување на сигурноста биле преземени и други истражни дејствија.
Во посебна постапка биле определени и мерки за заштита од семејно насилство.
Неофицијални информации за последните часови
Според неофицијалните информации што ги објави „Скопје1“, 21-годишникот наводно ја чекал Билјана пред теретана во Гевгелија, по што насилно ја внел во автомобил и се упатил кон Богданци.
Овие тврдења засега не се официјално потврдени.
Обвинителството соопшти дека се обезбедени снимки од видеонадзор и дека се издадени наредби за обдукција и прибирање дополнителни докази.
Првичните индиции упатуваат на убиство и самоубиство, но точниот тек на настаните и причините за смртта треба да бидат утврдени со истрагата.








