ПРВ.мк
Црна Хроника

СЕ НИЖАТ ПРОНЕВЕРИ ВО МАКЕДОНИЈА: Управител осомничен дека присвоил над 41 милион денари!

СЕ НИЖАТ ПРОНЕВЕРИ ВО МАКЕДОНИЈА: Управител осомничен дека присвоил над 41 милион денари!

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Тетово против М.Н., управител на друштво кое врши технички преглед на моторни возила. Тој е осомничен за продолжено кривично дело „Проневера во службата“, предвидено во член 354 од Кривичниот законик.

Според информациите што ги соопшти Финансиската полиција, сомнежите се однесуваат на периодот од 1 јануари 2022 до 31 декември 2025 година. Во тој временски интервал, пријавениот наводно ги злоупотребувал овластувањата што ги имал во друштвото и противправно присвојувал пари наплатени од граѓани и правни лица при регистрација на моторни возила.

Станувало збор за средства кои биле собрани за подмирување на јавни давачки што требало да бидат уплатени на сметките на повеќе институции и организации.

Од Финансиската полиција информираат дека со ваквото постапување на правното лице му била овозможена противправна имотна корист во вкупен износ од 41.518.042 денари.

Според пријавата, со ова биле оштетени повеќе субјекти, меѓу кои општините, Министерството за животна средина, Службата за помош и информирање, Црвениот крст на Република Македонија и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Дополнително, Финансиската полиција посочува дека осомничениот наводно презел и активности за прикривање на трагите од делото. Во текот на 2022 и 2024 година, тој противправно отпишал јавни давачки во вкупна вредност од 17.090.623 денари.

Со овие отписи, според наводите во пријавата, во сметководствената евиденција бил намален долгот кон институциите и организациите на кои им следувале средствата. Истовремено, бил прикажан и помал износ на обврски по основ на јавни давачки.

Кривичната пријава е доставена до надлежното обвинителство во Тетово, кое треба да постапува по случајот.

Најнови вести