Девет лица, меѓу кои осум актуелни полициски службеници и еден поранешен припадник на полицијата, се приведени во Србија под сомнение дека малтретирале и мачеле повеќе луѓе во гаражата на зградата на Владата на Србија. На осомничените им е одредено задржување во траење од 48 часа.
Како што соопшти српското Министерство за внатрешни работи (МВР), постапката се води поради сомнение за сторено кривично дело малтретирање и мачење, а задржувањето е одредено по налог на јавен обвинител од Првото основно јавно обвинителство во Белград.
Според информациите објавени од МВР, инцидентите за кои се товарат осомничените се случиле на 14 и 15 август 2025 година. Настаните се одвивале во периодот од 22:30 часот до еден час по полноќ, во гаражата на зградата на Владата на Србија, која се наоѓа на улицата „Немањина“ во Белград.
Осомничените во тој период биле службени лица во Единицата за обезбедување определени личности и објекти. Според сомневањата на истражните органи, тие употребувале сила и закани врз повеќе лица, со што им предизвикале силна болка и тешки страдања.
Како што се наведува во соопштението на српското МВР, целта на наводното малтретирање била од лицата да бидат извлечени одредени информации, да се заплашат и незаконски да бидат казнети.
Од Министерството информираат дека деветтемина осомничени ќе бидат изведени пред надлежното обвинителство во законски предвидениот рок, каде што ќе продолжи постапката за случајот.








