Едно лице загина, а две се повредени кога денеска хеликоптер се сруши во заливот Бискејн кај Мајами, соопштија официјалните лица.
Хеликоптерот паднал нешто пред пладне во близина на државниот парк Бил Багс, кај островот Ки Бискејн, соопшти канцеларијата на шерифот на округот Мајами-Дејд, пренесува АП.
Едно лице загина
Крајбрежната стража на Соединетите Американски Држави потврди дека едно од трите лица кои се наоѓале во хеликоптерот загинало, додека преостанатите две се пренесени во трауматолошки центар.
Според прелиминарните информации, хеликоптерот од типот „Робинзон R44 II“ учествувал во лет за време на кој било фотографирано подрачјето, соопшти Националниот одбор за безбедност во сообраќајот (NTSB).
На местото на несреќата, покрај Крајбрежната стража, излегле и пожарникари од неколку локални служби.
На телевизиските снимки се гледа хеликоптер превртен наопаку и потопен во водата, со два жолти пловци прицврстени за долниот дел од подвозјето.
Тие пловци служат за одржување на хеликоптерот на површината во случај на принудно слетување на вода.
Официјалните лица засега не го соопштија идентитетот на лицата кои се наоѓале во хеликоптерот.






