ПРВ.мк
Црна Хроника

„СЕ МОЛИМЕ НА БОГ ДА ГО НАЈДАТ ЖИВ И ЗДРАВ“ Четврти ден од потрагата по Јаков на Триглав, се огласи неговиот татко и откри нови детали!

„СЕ МОЛИМЕ НА БОГ ДА ГО НАЈДАТ ЖИВ И ЗДРАВ“ Четврти ден од потрагата по Јаков на Триглав, се огласи неговиот татко и откри нови детали!

По два дена густа магла која целосно ја оневозможи воздушната пребарувачка акција, небото над планината Триглав се разведри, па денеска, на четвртиот ден од потрагата по Јаков од Прељина, надежта се полага во хеликоптерите. Доколку времето биде ведро и сончево како што е најавено, хеликоптер и дронови со термовизија ќе бидат подигнати и вклучени во пребарувањето, заедно со 20 припадници на Планинската спасувачка служба на терен.

Таткото на Јаков, свештеникот Никола Вучетиќ, кој е во Словенија и учествува во потрагата, изјави дека се чекаат само инструкции за тоа кога ќе полетаат леталата.

„Ние сè уште чекаме инструкции од Планинската спасувачка служба и од началникот на полицијата Дамјан за тоа дали и во кое време ќе полета хеликоптерот во потрага. Планот за денес е во потрагата да се вклучат дронови, хеликоптер и 20 припадници на Планинската спасувачка служба“, изјави таткото Никола за РИНА.

Временските услови беа клучна препрека во претходните денови. Хеликоптерот во понеделникот во два-три наврати го прелета теренот, но безуспешно, додека термокамерите, кои можат да регистрираат знаци на живот, не помогнаа поради маглата. Ниту дронот, кој спасувачите двапати се обидоа да го пуштат од локацијата Задњица, не успеа да го сними теренот.

„Вчера цело деноноќие се обидувавме со дрон да го снимиме тој терен, но маглата беше многу густа. Прогнозата за денес е ведро и сончево и токму се спремаме да тргнеме штом добиеме инструкции од која страна ќе одиме“, раскажа таткото Никола Вучетиќ.

Спасувачите во понеделникот, на местата што им беа достапни, пронајдоа траги важни за реконструкција на движењето на Јаков. Како што наведе таткото, младиот човек во неделата околу 19 часот се јавил во Планинската спасувачка служба од околу 1.900 метри височина, рекол дека батеријата му е при крај и испратил координати. Околу 200 метри под тоа место е пронајдена лушпа од јајце, а претходно и негови лични предмети.

„Дури вчера од момчето од Планинската спасувачка служба, кое се вика Тео, дознав дека Јаков во разговорот рекол дека со себе има алуминиумска термо-фолија, вреќа за спиење, гасна греалка и три батерии за челната лампа“, рече Никола.

Ноќта на планината била исклучително тешка.

„Измамнички е тоа што Јаков тргна од Љубљана кога беше 15 степени над нулата. Таа ноќ беше многу ладна, температурата горе на врвот на Триглав се спушти на минус 10. Имаше силни снегови, а во подножјето врнеше дожд. Снегот не беше висок, но на некои места наносите беа и до половина метар“, раскажа Вучетиќ.

Таткото и понатаму се надева дека младиот човек пронашол засолниште.

„Ни останува само да се надеваме дека Јаков нашол некое засолниште. Се молиме на Бога и на Свети Јаков ова да заврши онока како што сите очекуваме, да го најдеме некаде жив и здрав“, порача тој.

На крајот им се заблагодари на сите кои се грижат и се молат за Јаков.

„Им се заблагодарувам на сите луѓе кои се јавија, кои се јавија да се молат, на моите парохијани од Прељина и на сите кои помогнаа досега. Неизмерна благодарност од сите нас“, заклучи Никола.