Анонимни закани за поставени експлозивни направи предизвикаа сериозна безбедносна реакција во Чешка, откако четири авиони беа пренасочени и наместо на планираните дестинации слетаа на аеродромот во Прага. Закана била упатена и директно кон самиот аеродром, поради што веднаш интервенирале полициските и безбедносните служби.
Меѓу авионите кои биле пренасочени кон Прага имало два авиона на авиокомпанијата „Изиџет“ (EasyJet), еден на „Рајанер“ (Ryanair) и еден на „Остријан ерлајнс“ (Austrian Airlines).
Портпаролот на чешката полиција, Јозеф Урбан, потврдил дека заканата била лажна. По извршените проверки, не биле пронајдени експлозивни направи ниту во авионите, ниту на аеродромот.
Чешките безбедносни служби, сепак, останале во состојба на готовност поради зачестените анонимни дојави за поставени бомби во повеќе европски земји.
Министерот за внатрешни работи на Чешка, Лубомир Метнар, за порталот „Novinky.cz“ изјавил дека надлежните внимателно ја следат ситуацијата и дека слични закани биле регистрирани и во други европски држави во изминатите неколку дена.
„Внимателно ја следиме ситуацијата. Ова започна пред неколку дена во други европски земји. Анонимните закани за поставени експлозивни направи стануваат сè почести. Безбедносните служби се на терен и во состојба на готовност; вршиме проверки. Полицијата – конкретно Националниот центар за борба против тероризам, екстремизам и сајбер-криминал (NCTEKK), експертите за деактивирање експлозивни направи и други – работат на случајот“, изјавил Метнар.
Како дополнителна мерка, заседавал и Безбедносниот комитет на аеродромот во Прага, кој ја разгледувал ситуацијата по новите закани во европскиот воздушен простор и инцидентите регистрирани во Чешка.
И покрај безбедносните проверки и пренасочувањето на авионите, редовното функционирање на прашкиот аеродром не било нарушено.
„Аеродромските операции продолжија без прекин или попречување, а сè се одвиваше според утврдените протоколи“, изјавил Рихард Клима, портпарол на Службата за воздушна навигација.
Иако дојавите се покажале како лажни, зачестените закани предизвикуваат зголемена претпазливост кај европските безбедносни служби, кои продолжуваат со проверките и следењето на состојбата.









