ПРВ.мк
Црна Хроника

ГРАЃАНИ СЕ ОНЕСВЕСТУВААТ ПРЕД АЛТА БАНКА ВО БИТОЛА: Итната помош интервенирала неколкупати додека траат редиците за исплата!

ГРАЃАНИ СЕ ОНЕСВЕСТУВААТ ПРЕД АЛТА БАНКА ВО БИТОЛА: Итната помош интервенирала неколкупати додека траат редиците за исплата!

Утрово пред филијалата на Алта банка во Битола во неколку наврати интервенирала Итната медицинска помош, откако на дел од граѓаните кои чекале во долгите редици им се слошило. Денеска започна исплатата на готовина на банкарските шалтери, откако Народната банка го презеде привременото управување со банката.

„За наши пари паѓаат луѓето, тука им се слоши“, реагираат граѓани кои утрово се нашле пред филијалата.

Пристап до шалтерите имаат само клиентите кои добиле СМС-порака со определен термин за исплата, а притоа немаат платежна картичка. На овие граѓани им е овозможено да подигнат најмногу 20.000 денари во период од две недели.

Сепак, пред банката се собрале и голем број луѓе кои не добиле СМС-покана. Меѓу нив има и повозрасни граѓани кои не користат мобилни телефони, па не можат да добијат или да прочитаат порака, но и клиенти кои дошле да побараат документи потребни за отворање сметка во друга банка.

Битолчани реагираат на начинот на кој се организира исплатата, особено поради тоа што дел од највозрасните клиенти практично се соочуваат со дополнителни пречки.

„Порака требало! Старите луѓе, над 90 години, дали знаат да прочитаат порака? Некои немаат ниту телефон. Мене не ми треба порака, туку да ми дадат одјава за да заминам во друга банка и да не ме малтретираат вака“, велат револтирани граѓани.

Проблемите поврзани со Алта банка се прелеале и во работата на локалната самоуправа. Опозицијата побара одржување вонредна седница на Советот на Општина Битола, на која градоначалникот Тони Коњановски требало да информира кои јавни претпријатија имаат сметки во банката, со колкави средства располагаат и какви мерки планира да преземе општината во новонастанатата ситуација.

Од опозицијата велат дека досега не добиле одговор на нивното барање.

Советникот од „Поинаку“, Миле Трајковски, го критикуваше односот на градоначалникот и претседателот на Советот, бидејќи не ја закажале побараната седница.

„Имаме игнорантски однос и од градоначалникот и од претседателот на Советот, затоа што не закажа седница. Со тоа покажуваат дека не им е грижа за граѓаните и за тоа што ќе се случува со јавните претпријатија, бидејќи сметките им се блокирани“, изјави Трајковски.

Од друга страна, градоначалникот Коњановски го оцени барањето за вонредна седница како популистичко. Тој на социјалните мрежи ги објави состојбите на сметките на петте јавни претпријатија кои имаат сметки во Алта банка, а според објавените податоци, вкупниот износ на нивните средства изнесува приближно 144.000 евра.

Коњановски посочи дека општината, во својство на основач на јавните претпријатија, ги следи насоките и информациите што ги објавува Народната банка и смета дека самото тоа што претпријатијата имаат сметки во Алта банка не значи дека нивното работење е загрозено.

„Општина Битола како основач на јавните претпријатија ги следи насоките и информациите од Народната банка на Македонија. Тоа што дел од претпријатијата имаат сметка во Алта банка никако не значи дека е загрозена нивната функционалност. Верувам дека многу скоро целиот случај ќе има завршница“, напиша градоначалникот.

Тој најави и дека за состојбата ќе се разговара на седница на локалниот економско-социјален совет. На неа треба да се разгледаат можните мерки што локалната самоуправа може да ги преземе со цел да ги заштити интересите на граѓаните.

Најнови вести