Едно лице е спасено, а по уште еден работник се трага по уривање на темелите на градилиште во Истанбул. Несреќата се случила во населбата Бахчелиевлер, за време на ископувањето на темелите на објектот.
Според информациите што ги објави турскиот весник „Сабах“, инцидентот се случил околу пладне по локално време, кога дел од земјиштето на градилиштето се урнал и ги затрупал работниците.
Веднаш по добиената пријава, на местото биле испратени полициски екипи, пожарникари, служби на Итната медицинска помош и припадници на АФАД – Управата за управување со катастрофи и вонредни состојби.
Спасувачите успеале да лоцираат еден од затрупаните работници, откако го слушнале неговиот глас под урнатините. Тој бил извлечен, а медицинските екипи му укажале прва помош на местото на несреќата, по што бил пренесен во болница.
Според досегашните информации, се верува дека под урнатините останал уште еден работник. Спасувачките екипи продолжиле со интензивна потрага и активности за негово извлекување.
Во меѓувреме, надлежните служби започнале истрага за да се утврдат причините и околностите под кои дошло до уривањето на земјиштето и темелите на градилиштето.









