Шест лица го загубија животот, а уште седум се повредени во голем пожар што рано утринава зафатил двокатна станбена куќа во њујоршката населба Бруклин. Информацијата ја потврдила градската противпожарна служба, а на местото на настанот интервенирале повеќе од 200 припадници на итните служби.
Пожарот избувнал околу 01:40 часот по локално време во населбата Сансет Парк, по што веднаш била започната голема интервенција за справување со огнената стихија и извлекување на луѓето од објектот.
Според информациите што ги пренесува „Еј-Би-Си њуз“ (ABC News), пожарникарите успеале да го стават пожарот под контрола по околу три часа.
Четири лица починале на самото место, додека уште две лица, кои се здобиле со тешки повреди, биле итно пренесени во болница. И покрај напорите на медицинските екипи, тие подоцна им подлегнале на повредите.
Меѓу повредените има и тројца пожарникари, кои се здобиле со полесни повреди за време на интервенцијата. Повредени се и уште четири лица, но според достапните информации, нивните животи не се во опасност.
Се истражува причината за пожарот
По гаснењето на пожарот, истражителите започнале работа на утврдување на околностите под кои избувнал огнот во станбениот објект.
Засега не се соопштени детали за причината за пожарот, ниту дополнителни информации за идентитетот на загинатите. Истрагата треба да покаже што довело до несреќата во која шест лица го загубија животот.






