ПРВ.мк
Македонија

ДИГИТАЛИЗАЦИЈА ВО БОРБАТА ПРОТИВ КРИМИНАЛОТ: Успешно заврши ИПА проектот LERMS – шест институции потпишаа Меморандум за соработка!

ДИГИТАЛИЗАЦИЈА ВО БОРБАТА ПРОТИВ КРИМИНАЛОТ: Успешно заврши ИПА проектот LERMS – шест институции потпишаа Меморандум за соработка!

Денеска (5 ноември 2026 година) во Скопје се одржа завршниот настан од ИПА проектот „Воспоставување на електронски систем за водење на евиденција на институциите за спроведување на законот“ (LERMS), на кој присуствуваше заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени. Во рамките на настанот беше потпишан и клучен Меморандум за соработка помеѓу надлежните државни институции.

Во своето обраќање, заменик-министерот Исени истакна дека овој проект претставува значаен чекор кон модернизација на институционалните капацитети, дигитализација на процесите и суштинско унапредување на меѓуинституционалната соработка.

Примената на новиот систем LERMS ќе овозможи подобро управување и следење на предметите, поефикасна аналитичка обработка и брза размена на информации. Со тоа директно ќе се придонесе кон подобна координација и поефикасно постапување во борбата против организираниот криминал, корупцијата и тероризмот.

Со потпишувањето на Меморандумот, заедничката посветеност за функционална примена и долгорочна одржливост на системот ја потврдија следните институции:

  • Министерство за внатрешни работи
  • Јавно обвинителство
  • Управа за финансиска полиција
  • Управа за финансиско разузнавање
  • Царинска управа
  • Агенција за управување со одземен имот

Заменик-министерот упати благодарност до Европската Унија, Делегацијата на ЕУ во Скопје, проектниот тим и експертите за нивниот придонес. Тој нагласи дека завршувањето на проектот означува почеток на нова фаза на практична примена, при што МВР останува посветено на дигиталната трансформација и зајакнувањето на капацитетите во согласност со европските стандарди и принципите на владеење на правото.

Најнови вести