Денес во големата сала на Општина Кавадарци се одржа работна средба помеѓу општинското раководство и жителите на 13 населени места од овој крај.
На средбата присуствуваа градоначалникот Митко Јанчев, претседателот на Советот д-р Стојанчо Рамов, директорите на јавните претпријатија, како и раководителите на општинските служби. Тие разговараа со жителите на селата Радња, Бунарче, Гарниково, Драгожел, Рожден, Клиново, Бојанчиште, Мајден, Фариш, Ќесендре, Горна Бошава, Долна Бошава и Крњево.
Фокусот на состанокот беше ставен на реалните потреби, предлози и иницијативи на локалното население, како и на секојдневните предизвици со кои се соочуваат овие средини.
Преку непосредна комуникација и отворена дискусија, граѓаните имаа можност директно да ги изнесат своите барања и идеи, додека претставниците на Општината ги разгледаа сите предлози и разговараа за конкретни можности и чекори за нивно решавање.




