Вистински скандал се случил на патнички лет од Јапонија кон Сингапур, откако членка на кабинскиот екипаж открила скриена камера поставена во тоалетот на авионот.
За случајот е осомничен 52-годишен британски државјанин, кој се соочува со обвиненија за воајеризам и попречување на правдата.
Инцидентот се случил на 7 октомври, кога стјуардеса, додека го користела тоалетот, забележала сомнителен уред. Таа веднаш ја отстранила камерата и го известила својот колега.
Според полицијата во Сингапур, осомничениот наводно ја поставил камерата и преку мобилна апликација далечински го активирал снимањето.
Кога подоцна се вратил по уредот, забележал дека камерата исчезнала.
Во обид да ги прикрие доказите, наводно ја избришал апликацијата од телефонот, заедно со поврзаните фотографии.
По слетувањето на авионот на аеродромот „Чанги“ во Сингапур, полицијата го привела мажот на испитување и ги одзела неговиот мобилен телефон и пронајдената камера.
Според законите во Сингапур, за делото воајеризам му се закануваат до две години затвор, парична казна, камшикување или комбинација од овие санкции.
Дополнително, за попречување на правдата може да добие уште до седум години затвор, парична казна или двете казни.
Сингапурската полиција порача дека има нулта толеранција за сексуални престапи што ја загрозуваат личната безбедност на граѓаните.
Осомничениот наскоро треба да се појави пред суд.









