ПРВ.мк
Балкан

АВИОН ЗА МОСКВА ВРАТЕН СРЕДЕ ЛЕТ: Се проверува како патник ја поминал контролата без задолжителен преглед

АВИОН ЗА МОСКВА ВРАТЕН СРЕДЕ ЛЕТ: Се проверува како патник ја поминал контролата без задолжителен преглед

Авион на „Ер Србија“, кој сообраќал од Белград кон Москва, бил вратен на белградскиот аеродром поради безбедносен пропуст, а во центарот на случајот се најде српскиот политичар Александар Вулин.

Летот JU134 бил прекинат во вторникот вечерта, кога авионот се наоѓал во близина на границата меѓу Литванија и Белорусија.

Според информациите објавени во српските медиуми, постоеле сомнежи дека еден од патниците ја поминал аеродромската безбедносна контрола без задолжителен преглед. Порталот „Нова.рс“ објави дека станувало збор за Вулин, но тоа не е официјално потврдено.

По пристигнувањето во Москва, Вулин објави видеопорака во која ги демантираше тврдењата дека побегнал од Србија или пренесувал недозволени предмети.

„Не сум побегнал никаде. Цела ноќ ширеа лаги дека во еден мал ранец сум носел милиони евра и десетици килограми злато“, изјави Вулин.

Тој ги обвини политичките противници дека го искористиле инцидентот за политички пресметки и дека поради тоа биле вознемирувани стотици патници.

Вулин најави дека во Москва ќе одржи состаноци со руски државни и економски претставници, меѓу другото и за продолжување на договорот за снабдување на Србија со природен гас.

Во меѓувреме, Третото основно јавно обвинителство во Белград нареди дополнителни проверки на инцидентот.

Според информациите доставени до обвинителството, надзорните камери покажале дека еден патник, придружуван од припадник на Безбедносно-информативната агенција, поминал без пропишаниот преглед.

Наводно, при неговото поминување се активирал и безбедносниот аларм, но дополнителна контрола не била извршена.

Надлежните органи продолжуваат со утврдување на околностите под кои се случил безбедносниот пропуст.