Македонската банкарска асоцијација информира дека претстојниот викенд сите банки во земјава ќе вршат планирани технички прилагодувања на своите системи, поради воведувањето нови стандарди во денарскиот платен промет. Промените почнуваат да се применуваат од понеделник, 9 ноември, а во текот на викендот граѓаните и компаниите треба да бидат подготвени за можни привремени ограничувања во користењето на дел од банкарските услуги.
Од Асоцијацијата појаснуваат дека техничките активности се дел од подготовките за спроведување на претходно најавените регулаторни измени. Тие се однесуваат на новиот изглед и користење на платните налози, шифрите за целта на плаќањето, како и примената на платежните сметки во ИБАН-формат.
Додека банките ги приспособуваат своите системи, можно е одредени услуги привремено да бидат недостапни или да функционираат со ограничувања, особено кога станува збор за извршување платежни трансакции. Од Македонската банкарска асоцијација нагласуваат дека станува збор за однапред планирани активности, неопходни за непречено воведување на новините во секојдневното користење на платежните услуги.
Точните термини во кои ќе се спроведуваат техничките зафати, конкретните услуги што ќе бидат засегнати, како и времетраењето на евентуалните ограничувања, секоја банка ќе ги објави преку сопствените известувања до клиентите.
Поради тоа, граѓаните и компаниите се повикуваат редовно да ги следат официјалните комуникациски канали на својата банка. На оние кои имаат плаќања за извршување во текот на викендот им се препорачува да ги испланираат навреме, земајќи ги предвид информациите што ќе ги објават банките.
Од Асоцијацијата посебно нагласуваат дека постојните броеви на платежните сметки нема да се менуваат. Промената се однесува на начинот на кој сметките ќе бидат прикажани и користени во ИБАН-формат во електронското и мобилното банкарство, а потребното приспособување ќе го извршат самите банки.




