Учениците од СОУ гимназија „Добри Даскалов“ во Кавадарци од денеска добија современ, функционален и безбеден простор за спорт и физичко образование. Со свечен настан беше пуштена во употреба целосно реконструираната спортска сала во ова училиште.
Проектот е реализиран преку Општина Кавадарци со вкупна инвестиција од 4.200.000 денари, со што значително се унапредува училишната и спортската инфраструктура во општината.
Во рамките на обемните градежни и зафати за реновирање, поставен е нов современ спортски под, целосно се обновени ѕидните површини, модернизирано е осветлувањето, а подобрени се и системите за греење, вентилација и противпожарна заштита.
Благодарение на оваа инвестиција, салата доби целосно нов лик и ги исполнува сите услови за непречено одвивање на редовната настава по физичко образование, спортските тренинзи на клубовите, како и организација на училишни натпревари.
Локалната самоуправа уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон младите, истакнувајќи дека секое вложување во образованието и спортот претставува директна инвестиција во сигурната иднина на децата.





