Четири лица се опфатени со истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, под сомнение дека биле дел од злосторничко здружение кое подолг временски период се занимавало со изнуда и перење пари.
За тројца од осомничените, во текот на денот до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје бил доставен предлог за определување притвор. Четвртиот осомничен веќе извесен период се наоѓа надвор од државата.
Според истрагата, групата била формирана од првоосомничениот, кој е од Куманово, а нејзините активности траеле од 2021 година. Осомничените, како што наведува Обвинителството, со сериозни закани изнудувале пари од оштетени лица, најчесто искористувајќи ја нивната финансиска зависност поради претходно земени позајмици.
Еден од случаите се однесува на жена која од првоосомничениот побарала заем од 4.000 евра. Според усниот договор, требало да ги врати парите во рок од еден месец, заедно со камата од 2.500 евра.
Иако жената во целост го исплатила договорениот износ, проблемите не престанале. Осомничениот потоа побарал да ја искористи нејзината банкарска сметка за преку неа да пушта во оптек пари за кои постои сомнение дека биле прибавени со изнуда.
Откако таа го одбила барањето, започнале заканите. Од неа било барано автомобилот да го стави како наводен залог за долгови кои, според истрагата, биле фиктивни.
По налог на осомничениот бил подготвен лажен договор за купопродажба на нејзиното возило, прикажан како гаранција за наводен заем. Дополнително бил изготвен и фиктивен договор за заем во вредност од 1.000.000 денари.
На двата документа, односно договорот за залог и договорот за заем, осомничените го фалсификувале потписот на жената, претставувајќи ја како заемопримач. Документите потоа биле заверени кај нотар без нејзино знаење.
Нотарот кој овозможил заверка на ваквите документи е осомничен за несовесно работење во службата. За него до Судот бил доставен предлог за определување мерки на претпазливост.
Со договорите што ги имале во своја корист, осомничените повторно почнале да ѝ се закануваат на жената, барајќи да им го предаде автомобилот и да го исплати наводниот долг. Врз основа на спорните документи, сопственоста на возилото била префрлена на еден од осомничените, а жената на крајот била принудена да им исплати и дополнителен паричен износ.
Обвинителството истражува и друг случај во кој жртва на групата бил маж кој во 2021 година од осомничениот организатор двапати позајмил по 180.000 денари. Парите му биле потребни за лекување на неговата сопруга.
Иако ги вратил позајмените средства согласно договорите, осомничените продолжиле да бараат дополнителни исплати, претставувајќи ги како камата. Искористувајќи ја неговата финансиска зависност, го принудиле да им ја отстапи својата банкарска сметка.
Преку неа, според сомненијата, биле префрлани големи суми пари прибавени со изнуда, кои формално биле прикажувани како заеми, а потоа биле повлекувани во готовина.
Истрагата треба да ги утврди сите околности на случајот, улогата на секој од осомничените и обемот на незаконските активности за кои се сомничат.




