ПРВ.мк
Свет

Повисоки плати за војниците и нов бран регрутација!

Повисоки плати за војниците и нов бран регрутација!

Украина ќе ги зголеми платите на припадниците на вооружените сили, ќе воведе нови договори за воена служба и ќе ги засили напорите за привлекување странски доброволци, најави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

По владиниот состанок, Зеленски изјави дека армиските бригади ќе добијат поголема финансиска самостојност и можност самите да организираат обука за новите војници, со цел побрзо и поефикасно зајакнување на воените капацитети.

Според најавите, уште од овој месец ќе стапат во сила повисоки примања за воениот персонал. Војниците на помошни позиции во позадината ќе добиваат околу 30.000 гривни месечно, додека припадниците на пешадијата кои директно учествуваат во борбените операции ќе заработуваат во просек околу 300.000 гривни месечно.

Зеленски истакна дека висината на примањата ќе зависи и од бројот на извршени борбени задачи, а најави и нов систем на договори за пешадиските единици со времетраење од 10, 14 или 24 месеци.

Украинскиот претседател нагласи дека државата обезбедила средства за спроведување на овие мерки и дека ќе продолжи со трансформацијата на армијата во услови на војна.

Паралелно со тоа, Киев планира да ги прошири механизмите за регрутација на странски доброволци преку дополнителни канали и програми за привлекување кадар од странство.

Според украинските воени извори, од почетокот на војната до денес на украинската страна се приклучиле околу 10.000 странски доброволци од повеќе од 70 држави ширум светот.

За поддршка на одбранбениот сектор, Украина годинава располага со рекорден буџет за одбрана, кој дополнително е засилен со финансиска поддршка од Европската Унија.