Авион со 267 патници се судрил со радарска инсталација на аеродромот во Анталија, Турција, при што дошло до сериозно оштетување на леталото – крилото е уништено, а на трупот настанал голем отвор.
Во моментот на ударот во авионот настанал хаос. Според наводите на британскиот весник „Сан“, преградите за багаж во кабината се отвориле, а маските за кислород испаднале од своите лежишта. Во авионската несреќа, според првичните информации, едно лице е повредено.
На видеоснимките кои се појавија на социјалните мрежи се гледа оштетениот авион, додека по ударот во кабината избила паника, поради што екипажот веднаш започнал евакуација.
„Нешто се скрши во авионот по слетувањето“, изјави една патничка која го снимала хаосот во авионот, додавајќи дека дел од надворешната структура на авионот е откинат и дека леталото преминало преку метален дел.
Другите патници го опишаа звукот на ударот како „језив и застрашувачки“.
Паника и на летот од Цирих
Проблеми имало и на летот за Лас Палмас на Канарските Острови. Авион од типот „Ербас А320“ на авиокомпанијата „Еделвајс“ морал да направи свртување над Мадрид и да се врати во Цирих поради непријатна миризба во предниот дел на авионот, пишува „Блик“.
Забележаните патеки на летот покажуваат како авионот прво лета кон југозапад, а потоа прави остро свртување над централна Шпанија и се враќа кон Швајцарија.
„Патниците, вкупно 72, ќе можат да го продолжат своето патување со заменски авион“, изјави Андреас Мајер, портпарол на авиокомпанијата.
Истрагата за двата случаи е во тек.








