Компаниите што одобруваат брзи кредити наскоро ќе се соочат со значително построги услови за работа. Со новите измени на Законот за финансиски друштва се предвидува целосно укинување на готовинските исплати, па кредитите во иднина ќе можат да се добиваат исклучиво преку банкарска сметка.
Покрај оваа промена, финансиските друштва ќе мора да воспостават и задолжителни внатрешни контролни механизми, меѓу кои одбор за внатрешна ревизија, одбор за кредитен ризик и надзорен одбор. Целта е поголем надзор врз работењето на секторот и подобра заштита на граѓаните.
Новите правила предвидуваат и построги услови за отворање деловни простории. Секоја нова филијала ќе може да се отвори само со претходна согласност од Министерството за финансии и по исполнување на прецизно утврдени критериуми. Истовремено, ќе се зголеми и основната главнина што финансиските друштва треба да ја поседуваат.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, изјави дека измените следуваат по извршените контроли, при кои биле утврдени слабости и неправилности во дел од финансиските друштва.
Според неа, во одредени случаи биле откриени практики што оставаат простор за различни толкувања на законите, а кај дел од субјектите биле преземени и најстроги мерки, вклучително и одземање лиценци за работа.
Под лупа ќе се најдат и рекламите за брзи кредити. Министерството најавува ограничување на пораки како „пари веднаш“, „кеш за минута“ или „продавница за пари“, оценувајќи дека тие создаваат погрешна слика дека задолжувањето е едноставно и без ризик.
Контролите покажале и случаи во кои кредити биле рекламирани со нулта камата, додека во договорите подоцна биле вклучувани дополнителни трошоци и надоместоци кои не биле јасно наведени во рекламите.
Од Организацијата на потрошувачи на Македонија предупредуваат дека граѓаните најчесто се жалат на скриени трошоци, сложени договори со нејасни услови и високи давачки при доцнење со отплатата.
Со законските измени се очекува поголема транспарентност, подобра контрола на финансиските друштва и посилна заштита на корисниците на брзи кредити, кои во иднина ќе имаат појасен увид во сите обврски пред да потпишат договор за заем.









