Седуммесечното бебе Боди Н. Шу го загуби животот во трагичен пожар што избувна во паркиран автомобил во американската сојузна држава Вашингтон, додека неговиот татко заминал на кратко да ги полее овошките во близина.
Во моментот на избувнувањето на пожарот во возилото имало уште две деца. Со брза реакција, 12-годишното девојче успеало да ја спаси својата двегодишна сестра, но најмалото бебе останало заглавено во детското седиште.
Според информациите од локалната полиција, кога се појавил густиот чад, најстарото дете ја извлекло сестра си и веднаш отишло да го повика таткото. Меѓутоа, кога се вратиле, автомобилот веќе бил целосно зафатен од огнен пламен.
Таткото и соседите со сите сили се обидувале да го извлечат бебето од пламенот, но не успеале. При обидите за спасување, повеќе лица, вклучително и таткото, задобиле изгореници и биле пренесени во болница.
Пожарникарите успеале да го стават пожарот под контрола за неколку минути по пристигнувањето, но за бебето веќе било предоцна.
Причината за пожарот сè уште се истражува во соработка со надлежните противпожарни служби и федералните органи. Несреќното семејство преку социјалните мрежи истакна дека таткото се оддалечил само десетина метри од возилото кога избувнала огнената стихија и дека направил сè што е во негова моќ да го спаси својот син.









