Професионалните војници излегоа на протест пред Владата, порачувајќи дека нивното трпение е при крај и дека веќе не сакаат да молчат за проблемите со кои се соочуваат со години.
Од протестот побараа итно преземање конкретни чекори и законско, трајно решавање на статусот на професионалните војници, вклучително и на оние кои наполниле 45 години.
Меѓу главните барања се и зголемување на платите на професионалните војници, како и обесштетување на поранешните припадници на Армијата.
Синдикатот предупредува на дискриминација
Александар Насковски од Независниот синдикат на професионалните војници изјави дека припадниците на Армијата се соочуваат со нееднаков третман во однос на другите работници.

„Професионалните војници се најдискриминирани работници во Република Македонија, за кои никако не важи трансформирањето на работниот однос на неопределено време после петта година како што предвидува Законот за работни односи. Оваа дискриминација ја потврди и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во јули 2025 година со донесено мислење дека сите професионални војници се дискриминирани поради нееднаквиот работен однос“, изјави Насковски.
На протестот поддршка им даде и Координативното тело на пензионираните припадници на Армијата, чии претставници исто така ги повторија своите барања и укажаа на ветувањата од властите што досега не биле реализирани.
Пензионираните припадници бараат еднократна исплата
Видан Кипријановски од Координативното тело на пензионираните припадници на Армијата побара формирање заедничка комисија со претставници на Владата, која ќе работи на решавање на прашањето за обесштетување.
„Да се формира една комисија заедничка од Владата, како што вети министерот дека лично ќе се обрати на премиерот и ќе бара од него консултации и дека ќе го решат овој проблем бидејќи се работи за еднократна исплата на овие луѓе, еднократна исплата за 40 години стаж што сме дале за оваа држава и сме придонеле да се изгради самата држава“, порача Кипријановски.
Најавуваат радикализација на протестите
Професионалните војници предупредија дека доколку надлежните продолжат да ги игнорираат нивните барања, протестите би можеле да бидат радикализирани.
Тие очекуваат владејачката партија да го предложи законското решение во Собранието, имајќи предвид дека располага со мнозинство пратеници.
Од протестот испратија порака дека бараат конкретни решенија за долгогодишните проблеми, а не нови ветувања.









