ПРВ.мк
Македонија

(ФОТО) ПОЛИЦИЈАТА СО ПОРАКА ДО НАЈМЛАДИТЕ: ДА ГИ ЗАШТИТИМЕ ДЕЦАТА ВО СООБРАЌАЈОТ! Ученици од Ресен учествуваа во едукативни активности

(ФОТО) ПОЛИЦИЈАТА СО ПОРАКА ДО НАЈМЛАДИТЕ: ДА ГИ ЗАШТИТИМЕ ДЕЦАТА ВО СООБРАЌАЈОТ! Ученици од Ресен учествуваа во едукативни активности

Полициските службеници од СВР Битола и ОВР Ресен реализираа повеќе превентивни и едукативни активности во училиштата, со цел подигнување на свеста кај младите за важни безбедносни и општествени прашања. Во меѓувреме, Регионалниот центар за гранични работи Север организираше есенски марш во Кањон Матка, насочен кон зајакнување на тимскиот дух и колегијалноста меѓу полициските службеници.

На 6 ноември 2026 година, полициски службеници од ОВР Ресен одржаа едукативни предавања во основното училиште „Гоце Делчев“ и во средното општинско училиште „Цар Самоил“ во Ресен.

Предавањата ги опфатија темите „Меѓуврсничко насилство – булинг“ и „Превенција и заштита од зависности“. Преку овие активности, учениците добија информации за препознавање и спречување на врсничкото насилство, како и за опасностите и ризиците поврзани со употребата на зависни супстанции.

Целта е младите навреме да ги препознаваат ризичните ситуации, да бидат информирани за последиците од штетните навики и да придонесуваат за побезбедна училишна средина.

Работилница за безбедноста на децата во сообраќајот

Во рамките на превентивните активности, СВР Битола реализираше и едукативна работилница во основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во селото Логоварди, во општина Новаци.

Темата на работилницата беше „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, а главната цел беше најмладите да ги унапредат своите знаења за правилно и безбедно учество во сообраќајот.

Преку ваквите активности се настојува децата уште од најрана возраст да ги усвојат основните правила за безбедно движење и да развијат одговорно однесување како учесници во сообраќајот.

Полициски службеници на есенски марш низ Кањон Матка

Покрај едукативните активности со учениците, Регионалниот центар за гранични работи Север успешно го реализираше и есенскиот марш низ Кањон Матка, во согласност со својата програма за работа.

Во маршот учествувале полициски службеници од РЦ за ГР Север, како и униформирани полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Блаце.

Активноста била организирана како можност за рекреација, поттикнување здрави животни навики и зајакнување на меѓусебната доверба и соработка меѓу колегите.

Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на тимскиот дух, заедништвото и колегијалноста меѓу вработените.

Од Министерството за внатрешни работи посочуваат дека продолжуваат со спроведување едукативни и превентивни активности, но и со организирање содржини насочени кон подобрување на соработката и заедништвото меѓу полициските службеници.

Најнови вести