ПРВ.мк
Македонија

НОВИ СТУДЕНТСКИ СТИПЕНДИИ: МОН ќе додели 3.000 стипендии, еве кој може да добие 18.000 денари месечно!

НОВИ СТУДЕНТСКИ СТИПЕНДИИ: МОН ќе додели 3.000 стипендии, еве кој може да добие 18.000 денари месечно!

Министерството за образование и наука објави нов конкурс за доделување вкупно 3.000 студентски стипендии за студиската 2026/2027 година, со кој се воведуваат значајни промени во досегашниот систем на финансиска поддршка за студентите.

Новиот модел предвидува поинаква распределба на стипендиите, при што ќе се земат предвид социјалната положба на студентите, нивниот академски успех, но и студирањето на факултетски програми во области кои се од стратешко значење за развојот на државата.

Од вкупно 3.000 стипендии, 1.200 се наменети за социјална поддршка. Во рамките на оваа категорија, за првпат се воведуваат и посебни стипендии за студентите со попреченост и за оние со ретки болести. За секоја од овие две групи се предвидени по 50 стипендии.

Од МОН посочуваат дека со ова се прави чекор кон поинклузивен образовен систем, во кој ќе се препознаваат различните потреби на студентите и ќе им се овозможат подобри услови за образование и академско напредување.

Нова категорија се и 1.050 стратешки стипендии, кои ќе бидат доделени на студенти што се образуваат во области од особена важност за иднината на државата. Станува збор за студиски програми по математика, физика, хемија, земјоделство, шумарство, наставна биологија и рударство.

Овие студиски програми се утврдени со Одлука бр. 1410-183 од 3 ноември 2026 година, донесена од Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност. Целта е да се поттикнат младите да избираат образование во овие области и да се создадат стручни кадри кои ќе одговорат на потребите на општеството и економијата.

Дополнително, се предвидени и 750 стипендии за студенти со висок академски успех. За да влезат во оваа категорија, студентите треба да имаат просечна оценка од најмалку 8,50 и редовно да ги исполнуваат своите академски обврски.

Од Министерството нагласуваат дека, и покрај новата распределба и воведувањето дополнителни категории, вкупниот број стипендии останува ист – 3.000. Според нив, целта не е да се намали поддршката, туку таа да се насочи кон поширок круг потреби и потенцијали кај студентската популација.

Колкави ќе бидат стипендиите и до кога трае пријавувањето?

Месечниот износ на стратешките стипендии ќе биде 18.000 денари, додека студентите кои ќе добијат социјална стипендија или стипендија за висок академски успех ќе добиваат по 6.050 денари месечно.

Стипендиите ќе се исплаќаат во период од девет месеци во текот на студиската година.

Пријавувањето ќе се врши исклучиво електронски, преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, а рокот за поднесување на апликациите е од 6 до 20 ноември 2026 година.

Од МОН информираат и дека сè уште трае пријавувањето за посебниот конкурс за доделување 15 стипендии за студенти запишани во прва година на студиски програми по македонски јазик за академската 2026/2027 година. Овој конкурс е распишан согласно Законот за употребата на македонскиот јазик.

Повеќе информации за стипендиите за студии по македонски јазик се достапни на официјалната интернет-страница на Министерството за образование и наука.

Во тек е и конкурсот за поврат на средства за купен музички инструмент за учебната, односно академската 2026/2027 година.

Од Министерството порачуваат дека со новиот модел се воспоставува посовремен систем на стипендирање, кој треба да им помогне на студентите на кои финансиската поддршка им е најпотребна, да ги награди академските резултати и да го поттикне образованието во областите важни за идниот развој на државата.