Неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“, составена од активистки и активисти, организира протест против фемицидите, институционалното насилство и неказнивоста. Протестот ќе се одржи в недела, на 8 ноември, со почеток во 12 часот, во паркот „Жена Борец“ во Скопје.
Повод за протестниот собир е убиството на 17-годишната Билјана Кириќ во Богданци, која, според информациите наведени во повикот на организаторите, била убиена од својот партнер.
Од иницијативата посочуваат дека овој случај повторно ги отвора прашањата за постапувањето на институциите, нивната професионалност и ефикасност, како и за тоа дали жените и девојките во земјава добиваат навремена и соодветна заштита од насилство.
„Билјана е девојче од 17 години. Пријавила насилство и закани по живот. Биле изречени мерки за заштита. Денес е мртва“, се наведува во повикот за протестот.
Активистките и активистите потсетуваат и на други жени и девојки кои ги загубиле животите како жртви на насилство – Рамајана, Росица, Танкица, Ивана, Катја и Билјана. Преку нивните имиња, организаторите прашуваат колку уште жртви се потребни за институциите конечно да преземат одговорност.
Според нив, по секој нов случај на фемицид се повторуваат истите ветувања, оправдувања и институционални соопштенија, но суштински промени и понатаму изостануваат, додека жените продолжуваат да бидат изложени на насилство.
Во протестниот повик се критикува и односот на државата кон родовата еднаквост. Организаторите оценуваат дека институциите, од една страна, не успеваат да обезбедат ефикасна заштита за жените, а од друга страна, ги отстрануваат поимите род, родова еднаквост и сексуалност од законите и јавните политики.
Наместо конкретни мерки и преземање одговорност, како што наведуваат, се водат политички пресметки околу родовата еднаквост, додека проблемот со насилството останува нерешен.
„Не прифаќаме институционалното непостапување да се нормализира, ниту убиствата на жени да се третираат како изолирани трагедии и љубовни драми“, порачуваат организаторите.
Протестниот марш ќе помине покрај Собранието и Министерството за правда
Собирот ќе започне во паркот „Жена Борец“, по што учесниците ќе се упатат покрај Собранието и Министерството за правда. Маршот ќе заврши пред Министерството за образование и наука.
Организаторите упатуваат неколку барања до надлежните институции. На прво место е целосна и транспарентна истрага за убиството на Билјана Кириќ, како и утврдување одговорност за секој евентуален институционален пропуст.
Тие бараат јавноста да добие јасни информации за тоа кои институции и службени лица постапувале во случајот, кој не презел соодветни мерки и зошто изречените мерки за заштита не успеале да го спречат убиството.
Меѓу барањата е и итно доставување на измените на пакетот закони, како и усвојување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Станува збор за законски измени кои биле доставени до Собранието во август, а од иницијативата бараат тие да не останат заглавени во собраниските процедури.
Активистите бараат и итно враќање на поимот род во сите закони, упатства и програми од кои бил отстранет. Според нив, бришењето на овој термин не го отстранува и родово базираното насилство, туку ја ослабува борбата против него.
Последното барање се однесува на разрешување од јавни функции и раководни позиции на сите лица кои повикуваат на контрола врз жените, го оправдуваат или го нормализираат насилството врз нив.
„Не бараме сочувство. Бараме одговорност“, порачуваат од неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“.






