Грижата за повредените во Кочани не завршува со нивното болничко лекување, туку продолжува низ интензивен процес на дополнителни операции, редовни контроли и рехабилитација, порача министерот за здравство, Сашо Клековски.
Во рамките на оваа соработка и континуиран медицински третман, извршени се вкупно 16 операции на повредените во Кочани, во содејство на македонските хирурзи и стручниот медицински тим од престижниот медицински центар „Шеба“ од Израел.
Министерот Клековски упати искрена благодарност до сите домашни лекари и до израелскиот медицински тим за нивната хуманост, професионалност и посветеност.
Тој истакна дека здравствените власти остануваат целосно подготвени и ангажирани на долги патеки, со цел да се обезбеди комплетна и квалитетна здравствена нега за сите пациенти на кои им е потребно понатамошно лекување и рехабилитација.




