Општина Кавадарци, во соработка со Градежниот факултет во Скопје и професорите од Катедрата за патишта, активно работи на изнаоѓање најсоодветно сообраќајно решение кое ќе донесе подобра поврзаност, побезбеден сообраќај и нови економски можности за градот.
Во рамките на оваа соработка, на Градежниот факултет беше одбранет магистерскиот труд на Душко Грозданов од Кавадарци, посветен токму на ова значајно инфраструктурно прашање. Во трудот детално се разработени три можни варијанти за поврзување на градската обиколница со автопатот Е-75, преку клучката кај Винарија „Лазар“, како и со влезот во градот и Северен булевар.
Паралелно со градската обиколница, која веќе се наоѓа во завршна фаза на проектирање, локалната самоуправа започнува со разгледување на сите можности за реализација на ова ново патно поврзување.
Следниот чекор на Општината е детална анализа на предложените три варијанти, врз основа на која ќе биде избрана најповолната и најефикасната траса за понатамошна реализација на терен.
Од Општина Кавадарци порачуваат дека нивната цел е јасна — градот да добие современа, функционална и добро поврзана патна инфраструктура која ќе одговори на потребите на граѓаните и бизнис-секторот.




